Денеска на ЕУРО 2020 се играат два натпревари. Продолжуваат возбудувањата во групата „Д“ после кои ќе се знае конечната разврска. А, таму ништо не е познато ниту за првото и второто место, ниту, пак, за третата позиција.
Најголеми шанси за првите две позиции имаат Англија и Чешка, кои влегуваат во меѓусебната пресметка со четири бодови. Со нерешено и дефинитивно двете селекции одат понатаму, со тоа што Чесите би биле првопласирани, а Англија втора. Ако некој победи, ќе биде првопласиран а се очекува и тој што ќе загуби да оди во следната фаза.
Интересно ќе биде на вториот меч каде што Хрватска и Шкотска влегуваат во битка за 1/8 финалето. Нерешено не одговара никому, а кој ќе победи ќе направи голем чекор кон следната фаза. Со нерешено испаѓаат двете селекции, а во меѓусебниот меч влегуваат со еден освоен бод.
Дуелот меѓу Англија и Чешка се игра на „Вембли“, додека мечот меѓу Хрватска и Шкотска се игра на „Хемпден парк“ во Глазгов. Двата дуели почнуваат во 21 часот.
