После два дена пауза, денеска продолжуваат возбудувањата на Европското првенство кое се одржува низ 12 градови во Европа. Се играат две осминафинални пресметки, по кои ќе бидат познати првите два патника во 1/4 финалето.
Најпрво во 18 часот силите ќе ги одмерат селекциите Велс – Данска, дуел кој се игра во Амстердам. Тука се очекува неизвесен дуел, со оглед дека станува збор за две селекции со приближно ист квалитет. Велшаните влегоа во 1/8 финалето со 4 бодови, додека Данска во последен момент обезбеди пласман понатаму со победата над Русија. Данците ќе имаат мотиви да играат и за својот соиграч Кристијан Ериксен кој доживеа срцев удар на дуелот со Финска.
Во 21 часот во Лондон, на легендарниот „Вембли“, играат Италија и Австрија. Италијанците важат за фаворити во пресметката со Австријците. Италија досега е најдобра селекција на турнирот, со седум дадени и ниту еден примен гол. Австрија, пак, беше во група со Македонија, и освои шест бодови со победите над нашата селекција и над селекцијата на Украина.
