Новоизбраниот претседател Доналд Трамп уште еднаш предизвика бурни реакции со своите изјави за потребата Соединетите Американски Држави да ја преземат контролата над Гренланд.
Доколку новоизбраниот претседател е навистина решен да го контролира најголемиот остров во светот, би можел да се обиде да го купи доколку автономната територија прогласи независност од Данска. Тој, исто така, може да размисли да го направи Гренланд американска територија слична на Порторико или да ја вклучи во договор како оној што САД го имаат со Микронезија и Маршалските Острови, каде што американската војска има неограничен пристап во замена за одбрана и финансиска помош.
Ако не може да го купи Гренланд, Трамп може да се обиде да постави повеќе воени бази за да внимава на Русија и Кина. Сепак, сето тоа зависи од согласноста на жителите на Гренланд, кои можеби нема да поддржат такви планови, пишува Политико.
Луѓето од кругот на Трамп почнуваат сериозно да размислуваат за преговори кои би можеле да доведат до тоа островот да стане американска територија.
Сепак, многу од жителите на Гренланд изразуваат сомнеж дали би сакале да станат дел од САД. Премиерот на Гренланд, кој се залага за независност од Данска во следната деценија, рече дека Гренланд „не е на продажба и никогаш нема да биде на продажба“.
Трамп рече и дека не ја исклучува можноста од воена инвазија, која би предизвикала тревога низ светот.
Еден од главните предизвици е огромниот економски потенцијал на Гренланд. Под топењето на арктичкиот мраз лежат минерали и јаглеводороди вредни милијарди долари. Покрај тоа, меѓународните закони го прават купувањето или продавањето територии табу, ако не и целосно незаконски.
„Ако потегот како овој не е признаен како валиден и легитимен на меѓународно ниво, може да предизвика голем број компликации“, рече Скот Андерсон, поранешен правен советник на Стејт департментот.
Доколку Гренланд добие независност, САД би можеле да преговараат за договор сличен на Договорот за слободно асоцијација (COFA) што го имаат со Микронезија, Маршалските Острови и Палау. Овие договори им овозможуваат на САД ексклузивен воен пристап и право да одлучуваат кои други нации можат да распоредат војници на таа територија.
Доколку не успее да го купи Гренланд или да постигне договор за соработка, Трамп може да размисли за проширување на постоечките американски воени бази. На пример, базата Питуфик во северозападниот дел на Гренланд веќе има системи за рано предупредување, а дополнителните сензори би можеле да ги пополнат празнините во следењето на делови од Атлантскиот и Арктичкиот океан.
ИЗВОР: Нова.рс
