Евроинтеграции: СДСМ обвинува за застој во реформите, ВМРО-ДПМНЕ вели дека работат против македонските национални интереси

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Новата размена на обвинувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ повторно ги отвори разликите меѓу власта и опозицијата околу европските интеграции и условите за продолжување на пристапниот процес кон Европската Унија.

Од СДСМ оценуваат дека пораките од претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта се потврда дека уставните измени се единствен услов за формално отворање на пристапните преговори со ЕУ.

„Кошта јасно и недвосмислено порача дека уставните измени се единствениот услов за формално отворање на пристапните преговори со Европската Унија. И ништо повеќе, како што рече. Нема „дополнителни гаранции“, нема „нова преговарачка рамка“, нема „уставни измени со одложено дејство““, се вели во соопштението на СДСМ

Според СДСМ, најновиот извештај на европратеникот Вајц потврдува дека Владата не спроведува доволно реформи и не обезбедува напредок на евроинтегративниот пат, при што ја повикуваат да се фокусира на исполнување на обврските поврзани со пристапниот процес. „Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, и членовите на Комитетот за надворешни работи во Ивештај констатира дека не е постигнат напредок, особено во владеењето на правото, судските реформи и борбата против корупцијата“, велат од опозициската партија.

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека лидерот на СДСМ, Венко Филипче, застапува позиции кои, според партијата, се спротивни на македонските национални интереси и ја поткопуваат преговарачката позиција на државата.

„И покрај тоа што Македонија се соочува со постојани негирања на својот национален идентитет, јазик и историја, Филипче секојдневно настапува како портпарол на политиките на Бугарија кои бараат нови отстапки од македонска страна, без никакви гаранции и без никаква извесност за европската иднина на државата“, соопштија од владејачката партија.

Оттаму оценуваат дека наместо да се бори за подобра преговарачка позиција на Македонија, Филипче упорно се бори за спас на сопствената политичка кариера. „Време е Венко Филипче да разбере дека Македонија нема да оди напред преку понижувања, уцени и национални отстапки. Македонија ќе оди напред само со политики кои ги штитат државните и националните интереси, а не со политики кои служат на туѓи агенди“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Владејачката партија повторува дека останува посветена на членството во Европската Унија, но инсистира процесот да биде заснован на принципи, предвидливост и заштита на националните интереси.