Најмалку 76 лица ги загубија животите во пожарот што избувна на патничкиот траект „Ем-Ви Џун Астер“ во западниот дел на Филипините. Според крајбрежната стража, бројот на жртвите може дополнително да се зголеми, бидејќи спасувачките екипи продолжуваат со извлекување и идентификација на телата.
Од траектот досега се извлечени десетици јагленосани тела, а до 13 лица сè уште се водат како исчезнати. Крајбрежната стража соопшти дека денеска биле пронајдени 41 тело, додека претходниот ден биле извлечени 30 жртви.
„Оваа бројка сè уште може да се промени бидејќи продолжуваат операциите за извлекување и идентификација“, изјави портпаролката на филипинската крајбрежна стража, комодорката Ноеми Кајабајаб.
Пожарот бил целосно изгаснат околу 30 часа по неговото избувнување.
Четириесет и три лица успеале да се спасат од траектот, меѓу кои и двајца туристи од Чиле. Дел од патниците скокнале во морето за да се спасат од пламените јазици и густиот чад.
Траектот во моментот на несреќата пловел од Манила кон Корон, во западната провинција Палаван, која е позната како популарна туристичка дестинација. Пожарот избувнал во четвртокот навечер.
Причината за пожарот засега не е официјално утврдена. Преживеани патници, сепак, сведочеле дека непосредно пред да се појават густиот чад и пламените јазици слушнале силна експлозија од товарниот простор.
Според податоците од бродскиот манифест, во товарниот дел на траектот се наоѓале пет мотоцикли, електричен автомобил, виљушкар, пикап и прехранбени производи.
Крајбрежната стража продолжува со операциите за пребарување, извлекување и идентификација, а конечниот број на жртви ќе биде познат по завршувањето на спасувачките активности.
