Ќе плаќаат ли граѓаните повисоки рати за кредитите?! Ќе се затегне ли уште еднаш монетарната политика кај нас?! Овие прашања се отвораат по одлуката на Европската централна банка по втор пат да ја зголеми основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, на 2,5 проценти, во обид да го ограничи растот на инфлацијата. Тоа значи дека се зголемува ризикот за кредитите со променлива каматна стапка врзана за ЕУРИБОР кои и кај нас може да добијат повисока месечна рата при следното усогласување на каматата.
–Граѓаните ќе го осетат најдиректно ефектот во контекст на сите оние кредитоиматели или кредитозематели кои што имаат врзани договори со варијабилна каматна стапка, или променлива. Тоа значи дека ако ЕУРИБОРОТ има раст, ратите во очекуваните периоди кои надоаѓаат би биле поголеми од колку што тоа е денес. Но од друга страна доколку имате поврзаност како кредитоземател со банкарска институција со фиксна камата, тоа нема да влијае врз начинот на финансиското оптеретување или зголемувањата на трошоците, изјави Синиша Наумоски, универзитетски професор.
Шестмесечниот ЕУРИБОР во почетокот на годинава изнесуваше 2,1 процент, а сега веќе достигна 2,80 проценти. Растот на ЕУРИБОР покажува дека европскиот банкарски пазар подолго време го вградува очекувањето за повисоки камати. Според универзитетскиот професор Синиша Наумоски, оваа политика на ЕЦБ, а со тоа и на домашната монетарна власт влијае врз формирањето или врз политиката каде што банките ја формираат таа кредитна понуда кон граѓаните и стопанството. Според него кај компаниите може да се очекува одложување на инвестициите.
–Кога имате поскапо финансирање автоматски подразбира одложување на инвестиција и можеби поголема воздржаност на компаниите во периодот што доаѓа. Исто така очекувано може да биде, при ваква заострена рестриктивна политика на Европската централна банка, што директно на еден начин може да се прелее и во македонската монетарна политика, може да имаме и намалување на странските инвестиции што можеби и не е случај, изјави Синиша Наумоски, универзитетски професор.
Наумоски вели дека очекува Народната банка да ги анализира движењата кај нас, но според него со оваа одлука на Европската централна банка се намалуваат очекувањата до крајот на годинава и првиот квартал догодина да имаме намалување на каматната стапка на благајничките записи на Народна банка. Инаку централната банка во јуни по одлуката на ЕЦБ, ја зголеми основната каматна стапка кај нас за 0,25 процентни поенти и таа сега изнесува 4,25%.
