„Европа – да, Европа – сега“ – во Скопје се одржува третиот економски финансиски форум

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Соработувајте и искористете го моментот за ЕУ. Ова беше пораката за политичарите во Македонија која еврокомесарот Јоханес Хан ја пренесе на денешниот економски форум во Скопје. Тој вели дека политичките партии треба да ги остават настрана партиските интереси и да се ориентираат кон европскиот пат на државата. Тој смета дека Северна Македонија најверојатно ќе стане 28-та членка на Европската унија.

-Мислам дека е важно главните политички сили да работат заедно во оваа конечна цел на Северна Македонија. Ова е нешто за што треба да ги оставите на страна политичките и партиски интереси. Тоа можете да го правите за други прашања. Но, ова е национално прашање, главно прашање каде треба да ги ставите сите ваши заложби, сите сили во Собранието за да ги постигнете вашите цели-рече Јоханес Хан.

Премиерот Димитар Ковачевски зборуваше за придобивките што ќе ги има Северна Македонија по интеграцијата во Европската Унија. Според него, Македонија би имала голема корист во економијата и трговијата.

Државата би имала придобивки и од ИПА фондовите рече министерот за финансии, Фатмир Бесими.

-Само фондовите на кохезија споредено со ИПА фондовите се 22 пати поголеми за земјите приматели. Го имаме комесарот овде, буџетот на ЕУ за следните 5 години е за 11 пати поголем од тој што го имаме како земја кандидат за ИПА фондовите-вели Бесими.

На другите панели на форумот одржаа говор и вицепремиерите Бојан Маричиќ, Фатмир Битиќи и Славица Грковска.