Европската централна банка ги намали каматните стапки на депозитите за 25 базични поени на три отсто

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Управниот совет на Европската централна банка (ЕЦБ) денеска одлучи да ги намали трите клучни каматни стапки за 25 базични поени, така што каматната стапка на депозитите сега е 3 отсто, каматната стапка на операциите за главно рефинансирање е 3,15 отсто, а каматата на маргиналната кредитна линија 3,4 отсто.

Овие промени, кои се во согласност со очекувањата на пазарот, ќе стапат на сила од 18 декември.

Добиените информации покажуваат дека процесот на постепен пад на инфлацијата е „на добар пат“, се вели во соопштението.

Управниот совет на ЕЦБ не се обврзува однапред на одреден курс на каматна стапка и неговата понатамошна монетарна политика ќе зависи од добиените податоци, се додава во соопштението.

ЕЦБ прогнозира дека стапката на инфлација во еврозоната во 2024 година ќе биде 2,4 отсто во 2024 година и ќе падне на 2,1 отсто во 2025 година и на 1,9 отсто во 2026 година.

Според прогнозата на ЕЦБ, основната стапка на инфлација ќе падне на 2,9 отсто оваа година, на 2,3 отсто во 2025 година и на 1,9 отсто во 2026 година.

Европската централна банка очекува економски раст на еврозоната во 2024 година од 0,7 отсто и забрзување до 1,1 отсто во 2025 година и до 1,4 отсто во 2026 година, што е нешто помал раст во однос на претходната прогноза.