Европскиот парламент го дискутираше извештајот за Македонија, Вајц: Може да биде следна членка на ЕУ по Црна Гора

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонија треба да добие конкретно признание за реформските процеси и напредокот што го постигна на европскиот пат, оцени известувачот за земјава во Европскиот парламент, Томас Вајц, за време на расправата посветена на иднината на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.

Според него, реформските активности што ги презема државата веќе даваат резултати и тие не смеат да останат незабележани од Брисел. Вајц смета дека ЕУ треба да понуди видливи придобивки за македонските граѓани, меѓу кои и поголема интеграција на европскиот пазар и во роаминг-просторот.

„Република Северна Македонија покажа напредок и спроведе значајни реформи. Во земјата постои позитивна динамика и затоа е важно тие напори да бидат соодветно вреднувани“, порача Вајц.

Тој предупреди дека долгогодишните идентитетски спорови оставиле сериозни последици врз регионот и нагласи дека зачувувањето на мотивацијата кај граѓаните за европската перспектива е од суштинско значење.

Во своето обраќање Вајц ја истакна важноста на добрососедските односи, наведувајќи дека процесите на помирување бараат време и политичка зрелост. Како пример ја посочи Австрија, која, според него, децении подоцна се соочила со сопственото историско минато и улогата во нацистичкиот режим.

Неговите изјави предизвикаа незадоволство кај дел од бугарските европратеници, особено поради споредбите поврзани со историските прашања и ставот дека не треба да се доведува во прашање националниот идентитет на соседните држави.

Во меѓувреме, Вајц предложи измена на извештајот за Македонија преку бришење на параграфот 73, кој се однесува на работата на Заедничката историска комисија и Вториот протокол од Договорот за добрососедство меѓу Скопје и Софија.

Доколку предлогот биде усвоен, во текстот на извештајот повеќе нема експлицитно да се споменува Вториот протокол, што според аналитичарите претставува значајна политичка порака во контекст на македонско-бугарските односи.

Бугарските медиуми веќе најавуваат дипломатска и политичка офанзива на нивните европратеници во пресрет на пленарната седница на Европскиот парламент закажана за 6 јули, кога извештајот за Македонија ќе се најде пред европските пратеници.