Фајнанс тинк: Храната не ја подгрева инфлацијата, растот на цените се должи на поголема трошење на граѓаните

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Годишната инфлација која во јули се искачи на 4,8 насто не е диктирана од цените на храната, туку од поголемата побарувачка, односно од трошењата на граѓаните, велат од Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс Тинк“. Во нивната најнова анализа за движењето на цените се наведува дека кај храната значителен раст има само кај на цените на овошјето и рибата и морските плодови, додека останатата храна бележи или минимално зголемување или пад.  

Според Фајнанс Тинк, анализите покажале дека главен подгревач на инфлацијата се цените во рестораните и кафулињата и тоа со пораст од 28%, туристичките аранжмани за 26,6% и услугите за сместување за 14,6%.

Ова зголемување не се должи на сезонска флуктуација, бидејќи цените растат во текот на целата година.

„Според тоа, се чини дека главен двигател на цените во јули 2025, како и во претходните месеци, е интензивираната побарувачка, како и сe’ уште недоволно вкотвените инфлациски очекувања. Во првиот квартал годинава, потрошувачката на домаќинствата растеше скоро двојно побрзо од просекот во 2024 година, главно потпомогната од високиот реален раст на платите и високиот номинален и реален раст на пензиите, кои по кумулативниот раст од 5,000 денари месечно за секој пензионер, денес во просек се повисоки за скоро една четвртина во однос на нивото во истиот период лани“, велат од Фајнанс Тинк.

Поголемата домашна побарувачка како главен фактор вчера ја детектираше и Народната банка.

Од Фајнанс Тинк поради ова предлагаат да не се носат неефикасните мерки како што е замрзнување на цените и на маржите, кој не даваат резултати и ги враќаат цените на старото ниво, ако не и повисоки.

„Во вакви услови, фискалната политика мора да биде прецизно насочена и дисциплинирана. Наместо широка и скапа поддршка (како, на пример, висок раст на пензиите) што може дополнително да ја поттикне побарувачката, потребно е таргетирање исклучиво кон ранливите групи – домаќинства со ниски примања, самохрани родители и стари лица на кои им се потребни социјални услуги – со мерки што не ја нарушуваат пазарната динамика на цените. Особена внимателност е потребна во предизборен и изборен период“, велат од Фанјанс Тинк.

Вчера и од Народната банка побараа помош од носителите на фискалната политика, односно Владата.

„Секако, секој потег кој што е одржлив на среден и на подолг рок, од страна на носителите на фискалната политика, е добредојден и и помага на Народна банка во одржувањето на стабилноста од цените.“, вели гувернерот Трајко Славески.

Инаку, премиерот Христијан Мицкоски пред неколку дена најави дека ако има зголемување на цените, пред се кај храната, ќе има сериозни мерки кои ќе се разликуваат од претходните.

„Ќе излеземе многу скоро, ќе излеземе со неколку модели кои што во одредени сегменти биле успешни, така што сакаме целосно сценарио овој пат кое што мислиме дека ќе ги стабилизира цените на производите во маркетите.“, рече Мицкоски.

Мицкоски најави борба со базичната инфлација, која во суштина влијае на високите цени во државава.