„Фајзер“ не ни продава вакцини – кој ја кажува вистината, Пендаровски или Заев и Филипче?!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Северна Македонија не може да купува вакцини од американската фармацевтска компанија „Фајзер“ и нејзиниот партнер „Бионтек“. Со оглед на тоа што вакцината е ефикасна околу 95% против коронавирус и британскиот сој, побарувачката на пазарот е висока, па поради тоа компанијата не прифаќа да соработува со земји кои бројат помалку од 2 милиони жители. Ваква порака добиле македонските власти од страна на „Фајзер“ во телефонски разговор уште пред Нова Година, рече за ТВ21 Претседателот, Стево Пендаровски.

Од друга страна, пак, министерот Венко Филипче и премиерот Зоран Заев постојано повторуваат дека успеале да се договорат и со Фајзер и дека се очекуваат нивни вакцини. Се поставува прашањето доколку од компанијата кажале дека не продаваат вакцини на земји кои имаат помалку од два милиони жители, тогаш зошто Владата на почетокот на месец јануари на нивната интернет страница објавила вест дека од Фајзер пристигнуваат 800.000 вакцини обезбедени во директна комунијација на Филипче со компанијата. Тоа ветување беше дека околу пет илјади вакцини ќе пристигнат до крајот на февруари, што секако не се случи.

Имаше ветување и за 200.000 кинески вакцини, но и тука настана проблем. Италијанскиот весник „Ла Верита“ објави две писма од министерот Филипче адресирани до кинеската компанија „Синофарм“. И двете писма, според весникот, оделе преку фирмата „Старби интернешнал“ во Хонг Конг која нема медицинско, ниту фармацевско портфолио. Тој ги отфрли обвинувањата за одредени нерегуларности при набавката на вакцините од Кина.

Инаку, Србија најави дека од 15-ти октомври ќе почне да ја произведува вакцината „Синофарм“, а во однос на регионот, освен Македонија, со вакцини има проблем и Косово, кое сѐ уште не успеа да ги обезбеди дозите. Северна Македонија засега набави само 3 илјади дози од руската вакцина „Спутник В“, со кои се имунизираат здравствените работници.