По повод 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор, Министерството за односи меѓу заедниците организираше инклузивен панел на кој учествуваа професори, експерти, поранешни дипломати, политичари, новинари и претставници на граѓански организации.
Министерот за односи меѓу заедниците, Агон Ферати, истакна дека годишнината не треба да биде само потсетување на минатото, туку можност за разговор за иднината и предизвиците со кои се соочува државата.
„Овој настан не е само за одбележување на 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор. Тој е можност нашето внимание да го насочиме кон иднината – кон зајакнувањето на владеењето на правото, развојот на едно поинклузивно општество и, особено, кон градењето капацитети и создавањето повеќе можности за младите“, истакна Ферати.
Тој нагласи дека младите се најголемиот ресурс на државата за создавање поразвиено и постабилно општество, а отворениот и конструктивен дијалог меѓу различните заедници е неопходен за поголема толеранција, разбирање и соработка.
„Таквиот отворен и конструктивен дијалог би бил силна порака до јавноста и темел за градење на нашите внатрешни капацитети за нова култура на политички и општествен дијалог“, рече министерот.
Ферати истакна и дека настанот бил организиран за само 20 дена од неговото стапување на функцијата, оценувајќи дека разновидноста на учесниците придонела за поквалитетна и поширока дискусија за иднината на општеството.
