Филипче: 25 години Охридски рамковен договор – мирот, соживотот и еднаквоста се темел на иднината

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По повод 25-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, порача дека договорот претставува темел на мирот, соживотот и демократската иднина на државата.

Филипче истакна дека Македонија е заеднички дом на сите граѓани, а различностите треба да се негуваат како сила на општеството, а не да се користат за политички поделби и ширење омраза.

Тој потсети дека со Охридскиот рамковен договор во 2001 година беше ставен крај на вооружениот конфликт и беа потврдени територијалниот интегритет и демократската иднина на државата.

„Најголемата сила на нашата држава е во тоа што е заеднички дом на Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други наши граѓани. Различностите се дел од нашето општество и наша обврска е да ги негуваме како вредност, а не да ги користиме за политички поделби“, порача Филипче.

Според него, 25 години по потпишувањето на договорот, неговите вредности треба да останат водилка за иднината.

„Охридскиот рамковен договор е потсетник дека мирот, дијалогот и компромисот се секогаш посилни од конфликтот, поделбите и омразата. Сите имаме должност да ја градиме иднината на Македонија низ соживот, еднаквост и меѓусебно почитување, а не со поделби, навреди и омраза“, истакна претседателот на СДСМ.