Лидерот на СДСМ, Венко Филипче денеска коментирајќи за укинувањето на Пржинската влада, кажа дека доколку тоа се случи, тогаш СДСМ ќе се повлече од Работната група за Изборниот законик.
„Пржинската влада мора да остане, во спротивно пратеничката група на СДСМ ќе се повлече од Работната група за Изборниот законик“, изјави Филипче.
„Доколку овој Закон за Владата денес помине во Комисијата каков што е, нашата пратеничка група ќе се повлече од Работната група за Изборниот законик“.
Филипче нагласи дека со укинувањето на Пржинската влада, власта избегнува контролни механизми што гарантираат слободни и фер избори.
„Зошто не сакаат Пржинската влада да остане? Од што се плашат и од што бегаат?“, праша Филипче.
Филипче, исто така, изрази верување дека ќе има предвремени избори, додавајќи дека затоа се брза со овие законски измени.
На овие изјави од СДСМ реагираа од Владата. Портпаролката Марија Митева таквиот потег на опозицијата го нарече „политички незрел“.
„Политички незрел потег и постапувањето на ваков начин не носи ништо добро во интерес на граѓаните. Не можам да разберам како Филипче вчера кажа дека има пораст на гласовите, а денеска е против укинувањето на техничка влада, за која во минатото беа согласни дека треба да се укине“, изјави Митева.
