Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес конференцијата во рамки на меѓународната конференција „Скопска иницијатива“се осврна на пораките од Самитот за Западен Балкан на Европската Унија во Тиват, нагласувајќи дека процесот на европска интеграција влегува во клучна фаза која државата не смее да ја пропушти.
Филипче истакна дека самитот испрати јасен сигнал дека Западниот Балкан припаѓа во Европската Унија и дека за првпат се отвораат нови, олеснети механизми за приближување кон членство.
„После вчерашниот самит за Западен Балкан на Европската Унија во Тиват во којшто за првпат вака јавно и во оваа форма сите земји членки на Европската Унија кажуваат дека Западниот Балкан припаѓа во Европа, нудат механизми за првпат со коишто се олеснува нашата евроинтеграција и со коишто бенефитите од членство се добиваат многу повеќе и се чувствуваат дури и за време на преговорите, а не откако земјата ќе стане членка на Европска Унија“, порача Филипче.
Тој потенцираше дека „отворената врата“ мора да се искористи без одложување, бидејќи станува збор за иднината на државата и животниот стандард на граѓаните.
„Да не ја испуштиме шансата затоа што сепак станува збор за иднината на државата, за благосостојбата и квалитетот на живот на граѓаните кои живеат тука, коишто со децении го чекаат овој момент“, нагласи Филипче.
