Вработените во здравството, кои не се медицински сестри или лекари, а кои работеле со Ковид пациенти или имале контакт со суспектни лица, но не добиле парична награда најверојатно ќе бидат исплатени после Нова Година, информира Љубиша Каранфиловски претседателот на Самостојниот синдикат за здравство по денешната средба со министерот за Венко Филипче.
„Околу наградата за останатите вработени кои го дале својот придонес во здравството во делот со спроведувањето на пандемијата со Ковид 19 останува да се утврди во наредниот период. Милсам дека на некој начин ќе успееме да реализираме и таква награда. Најврероватно веднаш после нова година се надеваме дека ќе се направат тие финансиски пресметки и импликации во делот за обезбедување на средствата на ваков вид на награда“, вели Љубиша Каранфиловски.
Инаку пред два дена до редакцијата на ТВ21 пристигнаа поплаки од вработени во здравствените установи кои велат дека се разочарани бидејќи не се во групата за која следува помош, иако и тие работеле со заразени или суспектни на Ковид 19.
„Многу сме разочарани затоа што секогаш сме биле повеќе од желни да исполниме се што се бара од нас. Да одговориме на сите обврски што ги имаме максимално. Така беше во изминативе 9 месеци. Многу од нас се разболеа на работа, многу од нас бевме во карантин и не можевме да работиме, не покриваа колегите. Навистина сме мал број на луѓе и целата работа ја работевме без одмор. Така беше постојано и се уште е. Кога ни кажаа дека не сме во ниту една мерка навистина бевме разочарани“, додаде вработена во „8-ми септември“.
Министерството од синдикалните, здравствени организации кои ќе ја дополнат листата на пропуштени здравствени лица кои не добиле парична награда. Инаку од 22 илјади здравствени работници во државата само 7 илјади 890 земале еднократна финансиска поддршка за третман на лица заболени од КОВИД-19. Другите 14 илјади останале без помош информираат од самостојниот синдикат за здравство.
