По вчерашниот повик на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, упатен до премиерот Христијан Мицкоски, за заедничко усвојување на уставните измени со цел земјата да направи чекор напред кон евроинтеграциите, во јавноста следуваа реакции, бидејќи повикот на Филипче од политичките опоненти беше протолкуван како покана до Мицкоски за формирање широка влада. По овие реакции, денеска на социјалната мрежа „Икс“, лидерот на социјалдемократите ги демантираше гласините дека побарал формирање проширена влада со Мицкоски, појаснувајќи дека неговиот повик се однесувал само на заедничка поддршка за уставните измени, европската интеграција и реформите.
„Каква широка влада? Кој зборувал за влада и коалиција? Јасно кажав – поддршка за европските интеграции и реформите. Да влеземе во тендер коалицијата на Мицкоски? Од каде некому му падна на памет таква идеја? Ние не преговараме за фотелји и позиции. Ние зборуваме за иднината на Македонија во Европската Унија. Реформи сега. Малцинства во Уставот сега. Европа сега.“, вели Филипче.
Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ повторно ги обвини Венко Филипче и СДСМ дека ги поддржуваат бугарските ставови за уставните измени и дека дејствуваат во корист на политиките на Бугарија.
„Филипче и СДС имаат ист став со бугарските власти дека ние сме „северномакедонци’’, дека Гоце Делчев е Бугарин, но кога ќе се дојде до темата уставни измени, тука Бугарија вели јасно и гласно дека тоа не е последниот чекор на Македонија кој треба да го испорача за да стане дел од европското семејство, додека уценетиот Филипче од негови познати причини ги лаже граѓаните дека ова е последниот чекор и дека утре дента ќе станеме дел од ЕУ“, вели Мансиевски.
Вчера пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, истакна дека е потребен заеднички став на европските лидери во врска со членството на земјата во Европската Унија. Од друга страна, бугарската министерка за надворешни работи, Велислава Петрова- Чамова, вчера пред бугарските пратеници беше децидна – Бугарија нема да дозволи повторно преговарање за преговарачката рамка за Македонија. Според неа, Македонија може да го продолжи патот кон ЕУ само доколку го спроведе европскиот договор од јули 2022 година.
