Филипче од Гостивар бара одговорност на институциите за загадувањето на водата, ВМРО-ДПМНЕ го обвини дека собира дневнополитички поени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска од Гостивар порача дека здравствената криза отвора сериозни прашања за навременоста на институционалната реакција и одговорноста на надлежните.

„И уште една многу важна работа, а тоа е да поставиме неколку многу важни прашања, нешто за тоа што се случувало во изминатиот период и чија е одговорноста за работите кои што се случувале и што сега се случува, односно како може да се спречи и дали се заканува уште поголема катастрофа од тоа што сега се случува во Гостивар“, истакна Филипче.

Тој праша зошто институциите не реагирале веднаш кога започнал да расте бројот на заболени граѓани.

„Зошто кога се случил наплив на пациенти во болницата, не се истражило добро на што се должи тој зголемен број на пациенти во болницата, па можело уште порано да се реагира. Зошто ништо не се направило од страна на здравствените власти да се изменаџира прашањето епидемиолошки, да се анализира од каде доаѓаат симптомите, на што тие се должат“, рече Филипче.

Со своја реакција се јавија и од ВМРО-ДПМНЕ, од каде велат дека Филипче собира дневнополитички поени врз грбот на граѓаните.

„Филипче со компромитираните кадри околу него, нема кредибилитет да бара одговорност за Гостивар. Венко Филипче собира дневнополитички поени врз грбот на граѓаните на Гостивар, ширејќи шпекулации.

Венко Филипче даваше огромна поддршка  и мобилизираше луѓе за Валбон Лимани, градоначалник на Гостивар, кој вели дека не чувствува никаква морална одговорност за скандалот со водата.

Дали Венко Филипче го поддржува тој став на Лимани кој без срам и образ вели дека тој не е одговорен за грешките на луѓето кои тој ги има назначено да ги водат општинските претпријатија?

Особено е несфатливо што Венко Филипче држи лекции за функционирањето на здравствениот систем, имајќи предвид дека како министер за здравство имаше бројни скандали кога десетици илјади луѓе умираа од корона, а тој мислеше само на провизиите од вакцини“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.