Филипче предупредува на финансиски крах – Мицкоски тврди: Буџетот е стабилен и долговите се сервисираат!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче обвини дека државата се соочува со сериозни финансиски проблеми и дека Владата со лошо менаџирање го довела Буџетот во алармантна состојба. На денешната прес-конференција, тој истакна дека новото задолжување од 260 милиони евра е доказ за, како што рече, „огромната дупка во Буџетот“.

Според Филипче, Владата побарала заем од 300 милиони евра, но од банките успеала да обезбеди само 260 милиони евра, што, според него, е прв сигнал за нарушена доверба во економските политики на власта.

„Дефицитот расте, инфлацијата расте, а разликата меѓу приходите и расходите е огромна. Тоа покажува дека состојбата во Буџетот е навистина лоша и дека државата се движи кон финансиски крах“, изјави Филипче.

Од друга страна, премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли ваквите обвинувања и порача дека Владата активно работи на ребалансот на Буџетот за 2026 година. Тој нагласи дека консултациите меѓу Министерството за финансии и останатите ресори сè уште траат, но уверува дека ќе се обезбедат средства и за капитални инвестиции и за редовна исплата на плати, пензии и социјални трансфери.

„Тешки се времињата и гледаме што се случува во светот, но кај нас ударот не е толку голем. Ќе направиме оптимално решение за да продолжат капиталните инвестиции и да се сервисираат сите обврски“, изјави Мицкоски при посетата на Виница.

Премиерот посочи дека досега се реализирани околу 230 милиони евра капитални инвестиции, односно 14 милијарди денари од централниот Буџет. Тој додаде дека годинава државата треба да врати околу три милијарди евра по основ на стари долгови и камати.

Мицкоски ги оцени тврдењата на опозицијата за можна неликвидност како политички мотивирани и неосновани.

„Државата не е доведена во прашање. Ја наследивме со празна каса и огромни долгови, а сега кога конечно ја консолидиравме, опозицијата шири паника со небулози и лаги“, рече Мицкоски.