Во вечерашното издание на емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, претседателот на Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, изјави дека очекува предвремени парламентарни избори, оценувајќи дека актуелната власт ќе се соочи со сериозни политички и економски предизвици.
Тој потсети на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, наведувајќи дека во претходни настапи било речено дека ќе се одржат редовни избори, без предвремено гласање. Сепак, Филипче посочи дека е убеден оти ќе дојде до предвремени избори.
Според него, состојбата во буџетот е сериозна, со зголемен дефицит и притисок врз исплатата на плати и обврски кон фондовите, при што прашањето за обезбедување средства станува сè поактуелно. Тој оцени дека се земаат нови заеми со непознати услови, што дополнително ја зголемува финансиската неизвесност.
Филипче предупреди и дека незадоволството кај граѓаните ќе расте, особено во услови на економски притисок и најавени протести од синдикатите. Според него, Владата нема соодветен одговор на овие предизвици и ќе се соочи со јавен револт.
Во своето излагање, тој ја критикуваше работата на Владата, оценувајќи дека недостигаат капацитет, искуство и волја за подобрување на состојбите во државата.
