Филипче: Со Мицкоски Македонија падна за 3 места во Индексот за слобода на медиуми – ВМРО-ДПМНЕ: Нема медиум и новинар со кој Филипче не се скара

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче истакна дека со Мицкоски, Македонија бележи пад за 3 места во Индексот за слобода на медиуми на „Репортери без граници“.

„Со Мицкоски Македонија падна за 3 места во Индексот за слобода на медиуми на Репортери без граници. Сега сме во групата земји со „проблематична состојба“. Ова е уште еден доказ како Орбановата медиумска мрежа во служба на Мицкоски „исполнува“ една од клучните реформски точки за ЕУ – слобода на медиуми. Цела мрежата, особено Алфа ТВ, сигурно е многу горда на овие резултати. Браво! Доаѓа времето на вистината.“, напиша Филипче на „Икс“.

Со реакција се јавија и од ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата истакнуваат дека Филипче не е кредибилен и легитимен да зборува за слобода на медиумите, затоа што бил скаран со сите медиуми.

„Филипче најде да говори за слободата на медиумите и извештајот на Репортери без граници. 

Филипче се најде за кредибилен и легитимен да говори за слободата на медиумите, кога нема медиум, портал и новинар со кого не се скара.

Односот на Филипче и СДС, по насока на ПР шефот на куќниот пријател на Заев, Зоран Башановиќ, кон медиумите е крајно арогантен, срамен и во одредени случаеви и безобразен.

Филипче треба да си стави прст на чело и да размисли што прави со новинарите и медиумите и дали тој негов однос е правилен. Доколку смета дека така треба, следната година уште надоле ќе одиме“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.