Филипче со писмо до ЕУ, Мицкоски вели: Моите чувства дека ќе одговараат се сѐ посилни

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СДСМ испрати писма до Европската Унија и поднесе кривична пријава за премиерот Христијан Мицкоски до Обвинителството. Реакцијата следува по изјавата на премиерот дека има чувство, дека набргу, високи функционери од претходната влада на СДСМ ќе бидат опфатени со кривичен прогон. СДСМ бара од Обвинителството веднаш да го повика на распит и да ги испита неговите чувства, за да докаже дека не работи само по нарачки на Мицкоски.

-Мицкоски јавно најавува кривични прогони. Таргетира конкретни луѓе од опозицијата и нивните семејства, со однапред напишани обвиненија. Неговото „имам чувство“ го диктира стравот затоа што знае дека ќе мора да се соочи со одговорноста. Но, ова е скандал од невидени размери и претставува целосно уривање на правниот и уставниот поредок. И за ова мора да понесе одговорност, изјави Александар Саша Димитријевиќ од СДСМ.

Филипче пак, испратил официјални писма до Европската Унија, Европската комисија, Европскиот парламент, известувачот за Македонија како и амбасадорите на земјите членки на ЕУ. Во писмото, меѓу другото се наведува дека Мицкоски најавува политички прогон и се додава дека оваа изјава за политички реваншизам претставува директна закана за демократскиот плурализам.

Но, премиерот вели дека неговите чувства уште повеќе се засилиле дека високи функционери од претходната Влада на СДСМ ќе бидат опфатени со прогони.

-Секој има право да си се допишува и да си праќа писма. Но, моите чувства се сè посилни, изјави премиерот Мицкоски.

За кои високи функционери од СДСМ и за какви судски процеси мисли премиерот, нема информации. И самиот вели дека нема информации, туку само чувство.