Вербалните партиски битки и обвинувања за тоа кој го кочи европскиот пат и кој тргува со националните прашања продолжуваат. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче излезе со обвинување дека власта свесно ја турка државата во изолација за да ја заштити криминалната банда и да го закочи европскиот пат на државата.
„Македонскиот национален идентитет не го загрозуваат малцинствата во Уставот. Македонскиот национален идентитет го загрозуваат криминалот и корупцијата. Христијан Мицкоски и неговата криминална група ВМРО мора да разберат дека граѓаните многу јасно гледаат што тие прават. Намерно сакаат да изолираат земјава од Европа за да сочуваат својата криминална банда на власт“, порача Венко Филипче.
ВМРО-ДПМНЕ пак излезе со контра обвинување. Велат Филипче чекори по стапките на Заев и е подготвен да ги исполни бугарските барања на штета на Македонија.
„Кога е потребна јасна осуда и цврст став во одбраната на македонските интереси, Венко Филипче избра спротивен пат. Филипче и СДС го избраа антидржавниот, односно бугарски пат.Наместо да застанат на страната на Македонија, тие испраќат јасна порака дека доколку дојдат на власт, би ги спровеле уставните измени и би прифатиле политики кои се во согласност со барањата на Бугарија“, вели Валентин Манасиевски.
Осуда и критики вчера си упатија и премиерот Мицкоски и Филипче на свеченото одбележување на 9 Мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа. Пазар со идендитетот никогаш нема да правам, порача Мицкоски и повика на обединување. Филипче пак обвини дека земјава е претворена во Венецуела на Балканот. Рече дека сѐ што кажува премиерот е само изговор, и дека треба да се направат уставните измени.
