Мицкоски повеќе не може и не смее да ги лаже ниту граѓаните, ниту Европа, порача претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција. Филипче нагласи дека премиерот Мицкоски свесно го блокира европскиот пат на државата и не ги спроведува потребните реформи, со што директно ја ризикува иднината на сите граѓани.
„Наместо да работи на реформи, оваа власт работи на креирање конфликти со соседите, анти-европска пропаганда и изолација на земјата. И додека го блокира европскиот пат, половина ВМРО, вклучително и најблиски соработници на премиерот имаат бугарски пасоши. Е тоа е нивниот лажен патриотизам“, рече Филипче.
Тој додаде дека наместо премиерот да ја прифати критиката од известувачот и европратеник Томас Вајц, кој јасно и недвосмислено ја критикува оваа власт поради блокирањето на европскиот пат на Македонија, Мицкоски повторно влезе во негирање.
„И наместо да ја прифати критиката премиерот повторно влезе во негирање. Јавно вели дека „нема да отстапи ни милиметар“ и дека малцинствата, како Бугари, Хрвати, Црногорци, нема да влезат во Уставот“, рече Филипче.
Одговорија од ВМРО-ДПМНЕ. Пратеникот Бране Петрушевски рече дека за власт, СДСМ се подготвени да ги продадат македонските национални интереси.
„Филипче и СДС за власт се спремни да го продадат македонскиот јазик, култура и идентитет.
Лековерноста и лојалноста на Филипче и СДС кон бугарските политичари од ден на ден се зголемува, што директно наштетува на македонските позиции и црвени линии.
Филипче и СДС немаат проблем со тоа македонскиот јазик да е бугарски дијалект, Македонија да е дел од Бугарската држава, Гоце Делчев, Питу Гули, Јане Сандански да се пишат дека се Бугари, само да дојдат на власт и да крадат.
Филипче и СДС немаат проблем да бидат на услуга на бугарските власти и да ја шират нивната политика и да не убедуваат дека Уставните измени се единствениот чекор што Македонија треба да го направи за да влезе во ЕУ.
СДС 35 години лаже континуирано, дека прво беше знамето па влегуваме во ЕУ, па името да го промениме па влегуваме во ЕУ, па потоа беше Уставот, па потоа банкнотите, па потоа пак името, и сега пак лаже и вели дека уште само уставните измени и влегуваме во ЕУ.
Граѓаните веќе доста беа лажени од структурите на СДС. 35 години СДС лаже, а ВМРО-ДПМНЕ денес стави крај на лагите на СДС, и води државна достоинствена политика, базирана на дела, резултати и реформи“, рече Петрушевски.
