Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче на денешната прес-конференција информираше за најновите информации во врска со состојбата со КОВИД-19 вирусот во земјата.
„Денеска се регистрирани 36 оздравени пациенти, вкупно досега 337. Од нив двајца се од болничко лекување и 34, коишто се лекуваат во домашни услови од Скопје, Прилеп, Велес, Кочани, Пробиштип и Штип. На Инфективната клиника почина еден пациент на 80-годишна возраст, кој е лекуван на Клиниката од 21-ви април. Во изминатите 24 часа направени се 408 тестирања. Потврдени се 26 нови случаи и тоа по градови во Скопје 11, во Куманово двајца пациенти, во Тетово три, во Струга шест, Битола еден, во Гостивар Виница и Неготино исто така по еден дијагностициран пациент. Вкупната бројка на дијагностицирани во нашата земја изнесува 1.326 и вкупно направени се 14.057 тестови“, изјави министерот Филипче.
Филипче информираше дека на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби се примени тројца пациенти, вкупно се хоспитализирани 61 пациент, од кои шест се на механичка вентилација. Во болницата „8-ми Септември“ хоспитализирани се 24 вкупно потврдени пациенти, со потешка клиничка слика се шест пациенти, кои се на респираторна машина. Во останатите болнички установи каде што има инфективни одделенија, каде што се хоспитализирани пациентите согласно последните информација, како што додаде министерот Филипче, нема некоја промена во однос на нивната клиничка состојба.
„Денеска пристигнаа 12 респиратори и 5.000 заштитни маски N95 како дел од помошта на Европската Унија, која што во вкупна вредност изнесува четири милиони евра. Во оваа прилика сакам да се заблагодарам за донацијата. Имав телефонски разговор со евроамбасадорот Самуел Жбогар, многу беше тешко да се обезбедат респираторни машини имајќи предвид дека многу земји во светот практично забранија извоз на оваа медицинска опрема од своите земји. Овие 12 респираторни машини се дел од вкупно 20- те што треба да пристигнат во нашата земја како помош од ЕУ. Овие 12 ќе бидат распределени на Инфективната клиника и во болницата „8 – ми Септември“, потенцираше министерот Филипче.
Тој посочи дека во функција е амбулантско – терапевтскиот дел во Институтот за физикална медицина и рехабилитација и дека темелно е извршена дезинфекција, чистење на целокупниот простор во институцијата во Козле. Вработените, кои што беа позитивни поминале асимптоматски или со сосем лесна клиничка слика. Петмина се излекувани, а за уште пет се очекуваат повторните контролни брисови.
„Во Куманово, Државниот санитарен и здравствен инспекторат констатираше низа пропусти по што, тој беше предаден во Министерството за внатрешни работи и очекуваме тие да се произнесат во однос на наодите, а од текот на денешниот ден се спроведува и втор инспекциски надзор. Резултатите ќе бидат готови вечерва или утре изутрина, по што ќе ја известиме јавноста“, рече министерот Филипче.
