Филков: СДСМ свесно ги блокира реформите во изборното законодавство – СДСМ врати: Филков повторно лаже!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поради отсуството на СДСМ, беше одложена четвртата седница на Работната група за реформи во изборното законодавство, процес од кој директно зависи кредибилитетот на изборите и довербата на граѓаните.

Министерот за правда, Игор Филков информираше дека политичките партии доставиле дополнителни забелешки и коментари на препораките на ОБСЕ/ОДИХР. На маса биле и предлозите на институциите кои се вклучени во изборниот процес а со кои во изминатиов период како Министерство за правда имавме конструктивни средби: Државната изборна комисија, Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Агенцијата за администрација и независните граѓански иницијативи.

,,Но, она што денес изостана е токму она што е најпотребно – политичка зрелост.

Не може да зборуваме за фер и демократски избори, а истовремено да не учествуваме во процесот кој треба да ги обезбеди тие стандарди. Демократијата подразбира дијалог, компромис и заедничка одговорност.

Денеска имавме  можност да го видиме вистинското лице на за жал, изгубената политичка партија која што со низа погрешни потези водени од тесногради партиски интереси свесно ја блокира реформската агенда и го кочи европскиот напредок на државата.

СДСМ избраа да не бидат дел од процесот во момент кога се носат суштински одлуки. Ова е доказ, дека нивните заложби за европска иднина се само декларативни, а реалноста е нешто сосема спротивно “, изјави министерот за правда Игор Филков.

Филков посочи дека  ова не е прв пат, СДСМ  вака да се однесува.

,, Во Собранието го блокираа и клучниот реформски Закон за Јавното обвинителство, иако дел од нивните амандмани беа прифатени.

Со ваквите нивни, би рекол крајно срамни и неодговорни политики, реформите се држат во заложништво на тесно партиските интереси, а европската иднина на нашите граѓани во неизвесност.

Со досегашното неодговорно однесување на СДСМ и неучеството во работната  група за реформи во изборното законодавство директно се загрозени 4 милиони, 281 илјада , 623 евра. А, со блокадата на Законот за јавното обвинителство во Собранието,  дополнително, 6 милиони, 422 илјади,623 евра. Пари кои што и те како, може да го олеснат реформскиот процес и да ги подобрат состојбите во правосудството за секој наш граѓанин”,рече Филков.

Тој порача дека Владата продолжува посветено да работи на реформите во државата се до крајната цел – обезбедување стабилност, просперитет и владеење на правото.

На ова реагираа и од СДСМ кои обвинија дека министерот Филков лаже.

„Министерот Филков денеска повторно се обидува да ја префрли вината на СДСМ за сопствената неспособност и блокада на реформите.

Едно неучество после цела една година менува сè? Како е тоа можно?

СДСМ уште од мај 2025 година, на секоја прес-конференција, јавно го прашува Министерството за правда и министерот Филков:

Каде се реформските закони? 

Зошто ги нема на ЕНЕР? Зошто ги криете од јавноста и од Собранието?

Наместо да ги подготви и да ги достави законите, Филков и ВМРО-ОКГ цела година молчат, одложуваат и сега, по само едно неучество на работна група, одеднаш СДСМ е виновен за сè.

10 милиони евра од ЕУ за правосудни реформи се загрозени токму поради ВМРО, а не поради СДСМ.

Ние не блокираме реформи, ние бараме реформи да се случат.

Вие ги блокирате со молчење, со одложување и со обиди да ја сокриете вистината од граѓаните.

Мицкоски и ВМРО-ОКГ не можат вечно да ја кријат својата неспособност и да ја префрлаат вината на другите.

Граѓаните јасно гледаат кој ги спречува реформите и кој ја загрозува европската иднина на Македонија.

Доаѓа времето на вистината“, велат од СДСМ.