Контрадикторни ставови испраќаат владините партнери околу иднината на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Темата се покрена откако ВМРО-ДПМНЕ вети целосно распуштање на советите. Единствено коалициските партнери од „Вреди“ засега се без став.
„Ќе дискутираме, по што ќе изградиме став, па ќе Ве информираат министерот или друго адекватно лице.“, рече Башким Муртези од ВРЕДИ.
Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера кажа дека не се откажува од намерата. Ваквата изјава на Мицкоски дојде во исто време додека министерот за правда од редовите на ЗНАМ, Игор Филков имаше брифинг со новинарите. Филков, за разлика од Мицкоски, вели дека за прашањето за реформи во Судскиот совет ќе покрене широка дебата и брифираше дека нема намера нешто да „демонтира“, туку ќе бара трајно ефикасно решение.
„Јас не се откажувам и од распуштање на Судскиот совет како реформа и од распуштањето на Советот на јавни обвинители. Чекам предлози, еве очајно молам за предлози.“, изјави Мицкоски.
„Сум спремен да да отворам широка дебата на оваа тема и ќе разговараме со стручната јавност и со пошироката македонска јавност и ќе дојдеме до заедничко решение. Ние сите сме на иста страна и јас и премиерот и нашите пријатели од Европа и Америка.“, изјави министерот Филков.
Мицкоски не даде рок до кога ќе чека предлози пред евентуално да се впушти во распуштање на советите. Експертите, но и дел од амбасадорите, рекоа дека ваквата идеја ќе претставува мешање на извршната во судската власт. Амбасадорите Дејвид Гир и Анџела Агелер ја повикаа власта да ги имплементира препораките на европските експерти од Оценската мисија. Министерот за правда Филков не одговори каков е неговиот план во однос на препораките и дали тие воопшто ќе се имплементираат.
