Мрежа од компании подолг период црпеле пари од буџетот по основ на поврат на ДДВ со фиктивни фактури и фиктивна евиденција и ја оштетиле државната каса за милиони велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Пратеникот од оваа партија Бојан Стојановски обвини дека надлежните ништо не преземале. За ова вчера зборуваше и претседателот на партијата Христијан Мицкоски, кој тврди дека фирмите биле од Косово.
„Во мрежата од компании кои испумпале милиони често се менувале одговорни лица и сопственици. Во поголем број од случаите истите се лица кои што се од наши соседни земји и кои тешко се лоцираат. Буџетот е оштетен, а државата тешко без кривично гонење ќе може да ги поврати исплатените милиони, бидејќи компаниите преку кои се штанцани фиктивните фактури и се испупмани пари немаат имот за од истиот да се наплати долгот“, вели Бојан Стојановски.
Но токму за ова во кое се црпеле пари од буџетот деновиве во емисијата Трилинг зборуваше и директорката на УЈП Сања Лукаревска. Таа не сакаше да објави конкретни имиња на фирми, бидејќи како што истакна се работи за даночна тајна регулирана со закон.
„Ќе ја испрезентираме таа мрежа на нафтени компании која што е во соодветен дослух со бензиски пумпи и врз основа на тоа ќе видиме како всушност сакале да го изиграат системот, на некој начин сакале да испумпаат од буџетот фиктивен ДДВ за што ние навремено сме алармирале сме постапиле, опсежна анализа имаме направено и опсежна процедура имаме направено, вклучувајќи попис и детална анализа на сите фактури“, вели Сања Лукаревска.
Од СДСМ се јавија со соопштение во кое реагираат на прес конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ во кое велат дека партијата на Мицкоски е или толку очајно или сакаат да ја загрозат постапката која што е во тек а ја спроведуваат надлежни институции по налог на УЈП. Случајот е откриен токму од УЈП и предвременото изнесување паушални и неточни работи ја загрозува постапката и опозициската партија треба да престане со дезинформации да прави штета, велат од СДСМ.
