Македонскиот прволигаш ГФК Тиквеш го повлече дресот со број 16 кој го носеше фудбалерот Андреј Лазаров.
„Во чест и знак на благодарност за Андреј Лазаров, фудбалер и голем херој кој со своите настапи многу придонесе за успесите на нашиот клуб, дресот со број 16 кој тој го носеше во ГФК Тиквеш, трајно се повлекува од употреба и ќе остане како траен белег да ги краси клупските простории за негов вечен спомен. Ангелите живеат вечно. Збогум Андреј“, објави Тиквеш на својот фејсбук-профил.
Лазаров, кој беше роден во Кочани, настапуваше за тимот од 2019 до 2023 година, пред да ја продолжи кариерата во хрватските екипи Рудеш и Горица. Негов последен клуб во живот беше Шкупи.
Лазаров го загуби животот во катастрофалниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“.
