Фокус на НАТО, опрема и нови капацитети – Германија и Македонија ја зајакнуваат воената соработка

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Воената соработка меѓу Македонија и Германија влегува во нова фаза по посетата на Скопје, на началникот на германските вооружени сили, генерал Карстен Бројер.

Двете страни го потврдија стратешкото партнерство во рамките на НАТО, со фокус на безбедноста, модернизацијата на Армијата и развојот на воените капацитети.

Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, истакна дека партнерството со Германија донело конкретни резултати преку обуки, размена на искуства и развој на воените капацитети.

„Голем број наши припадници се обучуваат и ги усовршуваат своите способности во вашите познати образовни центри, стекнувајќи знаења и вештини кои активно ги пренесуваат во нашата Армија. Особено го цениме професионализмот и стандардите што тие ги носат во нашите воени единици, како лидери во командните структури на Армијата“, изјави Сашко Лафчиски, началник на Генералштабот на армијата на РСМ.

Генералот Карстен Бројер истакна дека соработката меѓу двете земји треба дополнително да се зајакнува преку развој на воените капацитети, размена на искуства и конкретни проекти во областа на одбраната.

„Северна Македонија игра важна улога како фактор на стабилност. Таа дејствува како стабилен партнер на НАТО, кој го зајакнува регионот, Алијансата и европската безбедност. И Германија многу ја цени оваа улога. Затоа нашиот дијалог и соработка се толку важни. Нашата соработка треба да остане практична и од воено значење. Како што и вие споменавте, неодамна се договоривме за размена на воена опрема меѓу нашите вооружени сили“, изјави Карстен Бројер, началник на германските вооружени сили.

Генералот Бројер беше примен и од министерот за одбрана Владо Мисајловски, а според агендата, има средби и со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и премиерот Христијан Мицкоски.

Неговата посета го потврдува блиското партнерство меѓу двете земји и заедничката посветеност кон зајакнување на соработката во областа на одбраната и регионалната безбедност.