Фон дер Лајен: Иран го спонзорираше тероризмот низ целиот регион

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес го омекна својот став откако доби широки критики за нејзиниот говор пред два дена за застарениот светски поредок, нагласувајќи ја својата „непоколеблива поддршка“ за меѓународното право.

„Дозволете ми да истакнам една важна поента. Гледањето на светот каков што е во никој случај не ја намалува нашата решеност да се бориме за светот што го сакаме.“, рече Фон дер Лајен, и додаде:

„ЕУ е основана како мировен проект и нашата непоколеблива посветеност на стремежот кон мир, со принципите на Повелбата на ОН и меѓународното право во нејзината суштина, е исто толку релевантна денес како што беше кога бевме создадени, и ние секогаш ќе се придржуваме до овие принципи“, рече Фон дер Лајен во своето обраќање пред европратениците во дебатата за ситуацијата на Блискиот Исток и подготовките за претстојниот самит.

Нејзиниот говор пред амбасадорите на ЕУ пред два дена беше протолкуван како премолчена поддршка за реалполитиката на американскиот претседател Доналд Трамп.

„Европа повеќе не може да биде чувар на стариот светски поредок, свет кој го нема и нема да се врати. Ние секогаш ќе го браниме и поддржуваме системот базиран на правила што помогнавме да се изгради со нашите сојузници, но повеќе не можеме да се потпираме на него како единствен начин да ги браниме нашите интереси или да претпоставиме дека неговите правила ќе нè заштитат од сложените закани со кои се соочуваме.“

„Затоа мора да го изградиме нашиот сопствен европски пат и да најдеме нови начини за соработка со партнерите“, им рече фон дер Лајен на амбасадорите на ЕУ.

Во своето обраќање пред европратениците, претседателката на Комисијата нагласи дека не треба да се леат солзи за иранскиот режим и дека многу Иранци го славеа падот на Хамнеи, кој владееше со репресија, насилство и страв. 

„Под негово владеење, Иранците живееја во систем што ги замолчуваше гласовите на неистомислениците и ги уништуваше основните слободи. Порано оваа година, стотици илјади млади Иранци излегоа на улиците барајќи подобра иднина. Тие беа пречекани со брутална репресија.“, изјави таа.