Меѓународна морска биолошка експедиција во меѓународните води крај брегот на Бразил откри дури 31 нов морски вид за само две недели, што според научниците може да претставува едно од најбрзите откривања на нови организми во толку краток временски период.
Во истражувањето учествувале околу 20 научници од САД, Австралија, Бразил и Јапонија, кои работеле на истражувачкиот брод „Falkor (too)“, управуван од Институтот „Schmidt Ocean“, во соработка со Универзитетот на Западна Австралија и други научни институции.
Експедицијата се фокусирала на таканаречениот среден слој на океанот – просторот меѓу морското дно и осветлените површински води. Научниците посочуваат дека ова е најголемото живеалиште на Земјата, кое опфаќа околу 90 проценти од животниот простор на планетата, но воедно е и едно од најмалку истражените.
Меѓу новооткриените организми има девет нови видови медузи, седум сифонофори – колонијални организми сродни со медузите и коралите, седум ребраши, четири апендикуларии, ракчиња сродни со јастозите, необичен црв сличен на пајак, како и два џиновски едноклеточни организми што можат да се видат со голо око.
Водачот на експедицијата, д-р Карен Озборн од Националниот природонаучен музеј „Смитсонијан“, изјави дека средниот слој на океанот крие огромен број фасцинантни организми за кои науката знае многу малку.
„Ова беше подрачје што досега не било истражувано, па затоа имавме исклучително големи шанси да откриеме нови видови. Верувам дека ова е меѓу рекордните резултати по бројот на нови животни откриени за толку кратко време“, изјавила Озборн.
Голем придонес за успехот на експедицијата имала новата технологија – конфокален микроскоп наречен „Squid“ („Лигња“), кој овозможува тридимензионално снимање на живи клетки со помош на ласери. За првпат научниците можеле директно на бродот да ја следат клеточната структура на микроорганизмите без долготрајна лабораториска подготовка.
Покрај микроскопот, истражувачите користеле и најсовремени системи за генетска анализа и прототипни уреди за снимање, што овозможило многу побрза идентификација на новите видови.
Научниците нагласуваат дека овие откритија дополнително ја потврдуваат огромната биолошка разновидност на океаните, но и фактот дека човештвото досега открило само мал дел од животот што постои во длабочините.
„Она што досега сме го откриле е само врвот на ледениот брег. Во океаните постојат безброј организми кои на уникатни начини ги решиле предизвиците на животот, а од нив можеме многу да научиме“, порача Озборн.
