Европската Унија продолжува да ја потврдува својата поддршка за Украина, а на Денот на независноста на земјата одобри пакет од 6,1 милијарди евра наменет за зајакнување на нејзините одбранбени капацитети.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, соопшти дека средствата ќе бидат искористени за системи за противвоздушна и противракетна одбрана, ракети, муниција и радари, кои, како што наведе, ѝ се итно потребни на Украина.
„На Денот на независноста на Украина ја покажуваме нашата непоколеблива поддршка. Денеска одобривме 6,1 милијарди евра за системи за противвоздушна и противракетна одбрана, ракети, муниција и радари кои итно ѝ се потребни на Украина“, порача Фон дер Лајен.
Таа додаде дека Европа ќе продолжи да стои покрај Украина и во иднина, „сè додека тоа е потребно“.
„Европа стои со вас денес, утре и онолку долго колку што е потребно. Среќен Ден на независноста!“, порача претседателката на Европската комисија.
Одлуката доаѓа во знак на поддршка за Украина на нејзиниот Ден на независноста, во услови на продолжување на руско-украинската војна.
