ФОТО: Ковчегот на Франциск пристигна во базиликата каде што ќе биде погребан

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поворката што го носи ковчегот на папата Франциск пристигна во базиликата Санта Марија Маџоре, каде што ќе биде погребан поглаварот на Католичката црква.

Погребната поворка што го носеше ковчегот на Франциск во пренаменет папамобил патуваше од базиликата „Свети Петар“ до крајната дестинација на папата, пречекана од илјадници верници собрани на улиците на Рим.

По должината на приближно 5,5 километри долгата рута од плоштадот „Свети Петар“, поворката помина покрај многу познати споменици во Рим, вклучувајќи го и Колосеумот, а толпи луѓе аплаудираа додека поворката поминуваше.

Пред базиликата Санта Марија Маџоре, ја пречекаа четириесет членови на маргинализирани групи кои му оддадоа последна почит на Франциск: мигранти, бездомници, затвореници и трансродови лица.

Самиот погреб ќе биде приватен.

Франциск ќе биде погребан според неговите желби во базиликата од петтиот век во центарот на Рим.

Таму е погребан и познатиот архитект и скулптор Џан Лоренцо Бернини, автор на колонадите на плоштадот „Свети Петар“ каде што се одржа погребната миса.

Надгробната плоча изработена од лигурски мермер ќе го носи само името на Франциск на латински, Franciscus. Тој ќе биде погребан во гробница во подот, во мала ниша.

Целиот погреб се одржа според поедноставена постапка, според желбите на Папата.

Последниот папа погребан надвор од ватиканските ѕидини беше Лав XIII, кој почина во 1903 година и беше погребан во базиликата Свети Јован Латерански. Последниот папа погребан во базиликата Света Марија Голема беше Климент IX во 1669 година.