Фрајбург и Астон Вила вечерва од 20:00 часот ќе се соочат во големото финале на УЕФА Лига Европа, кое ќе се одигра на стадионот Тупраш Стадиум.
Англискиот тим предводен од тренерот Унаи Емери е на чекор до првиот европски трофеј по 1982 година, а воедно и до првиот голем трофеј по освојувањето на Лига купот во 1996 година.
Во пресрет на натпреварот, Емери порача дека неговиот тим мора целосно да остане фокусиран на планот за игра.
„Го анализиравме противникот со голема почит. Мораме целосно да бидеме концентрирани на натпреварот и на нашиот план. Треба да играме со личност и идентитет, сè што работевме оваа сезона да го покажеме вечерва на теренот“, изјави стратегот на Астон Вила.
Тој ја истакна и важноста на навивачите, кои, како што рече, биле огромна поддршка во текот на целата сезона.
„Ова е посебен ден за нив. Патуваа насекаде со нас низ Европа и Англија. Денес треба да уживаат со срце“, додаде Емери.
Дополнителен мотив за англискиот состав е можноста со евентуален триумф да обезбеди шест претставници од Премиер лига во Лига на шампиони следната сезона, доколку Астон Вила заврши на петтото место во домашното првенство.
Посебно внимание привлекува и младиот Харви Елиот, кој ќе биде на клупата за резерви. Иако имаше тешка сезона со ограничена минутажа, постојат очекувања дека токму тој би можел да биде „џокерот“ на Емери во финалето.
Од другата страна, Фрајбург ќе се обиде да испише историја и да стигне до својот најголем успех на европската сцена, во натпревар кој веќе предизвика огромен интерес кај фудбалската јавност.
