Две лица осомничени за подметнување пожар во шумата Фонтенбло се обвинети и се задржани во притвор, додека пожарникарите продолжуваат да се борат со пожарите, а францускиот претседател Емануел Макрон денес треба да ја посети погодената област.
Првиот осомничен е 18-годишен пожарникар-доброволец кој, според обвинителството, првично признал дека ги запалил гранките, користејќи запалка и бензин, но подоцна го повлекол признанието, објави „BFM TV“.
Вториот осомничен, исто така на 18 години, признал дека го подметнал пожарот во областа Фејзандери со фрлање на опушок од цигара.
Станува збор за студент по право кој рекол дека се занимава со прашања поврзани со животната средина и дека не знае како се случил инцидентот.
Елисејската палата објави дека за време на посетата, Макрон ќе разговара со локалните власти и членовите на противпожарните служби, за да им се заблагодари за нивната работа и да ја потврди поддршката на државата во борбата против интензивната сезона на шумски пожари.
Според податоците од Метео-Франс, девет департмани, претежно на југот од земјата, се изложени на висок ризик од шумски пожари.
Исто така, 46 француски департмани се под портокалово ниво на предупредување, вклучувајќи 15 поради ризик од силни грмотевици.
