Франција се соочува со најтешките пожари од Втората светска војна

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Европа се соочува со нов бран разорни шумски пожари, а пожарникарските екипи во Франција, Шпанија и Обединетото Кралство се борат со огнените стихии кои зафатија големи површини. Францускиот претседател Емануел Макрон предупреди дека неговата земја се соочува со најголемите шумски пожари од Втората светска војна.

При посетата на пожарникарите кои се обидуваат да ги стават под контрола пожарите во познатата шума Фонтенбло, јужно од Париз, Макрон изјави дека претстојното лето ќе биде „тешко“, бидејќи рекордите за шумски пожари веќе се надминати пред почетокот на најризичниот период од сезоната.

Француските власти започнаа истрага против компанија и нејзини работници кои користеле електрична пила при поправки на блискиот автопат. Истражителите се сомневаат дека искра од алатот ја запалила сувата вегетација и го предизвикала пожарот.

Во рамки на истрагите, уапсен бил и доброволен пожарникар кој признал дека намерно предизвикал пожар со запалка и бензин. Во друг случај, пожар бил предизвикан ненамерно откако маж фрлил догорче од цигара.

Ситуацијата е сериозна и во Шпанија, каде властите соопштија дека пожарот во регионот Арагон уништил околу 4.500 хектари шума, ниска вегетација и земјоделски површини. Регионалната влада информираше дека пожарот во близина на селото Ореса и натаму е надвор од контрола.

Поради ширењето на огнот, неколку населени места во близина биле евакуирани, а според медиумските информации, околу 500 луѓе биле погодени од пожарот. Надлежните очекуваат да бидат потребни неколку дена за целосно локализирање на огнената стихија.

Шумски пожар зафати и делови од шкотските висорамнини, поради што биле евакуирани домови, кампови и други објекти. Според британските медиуми, пожарот избувнал во средата наутро и продолжил да гори во текот на ноќта во националниот парк Кернгормс.

До четврток попладне пожарот во Шкотска бил ставен под контрола, но пожарникарските служби продолжуваат со следење на состојбата поради високите температури и сувото време.

Експертите предупредуваат дека комбинацијата од екстремни горештини, суша и силен ветер значително го зголемува ризикот од брзо ширење на шумските пожари низ Европа.