Француски борбен авион „Рафал“ собори беспилотно летало кое во понеделникот навлезе во воздушниот простор на Латвија од правец на Русија, во најновиот безбедносен инцидент долж источната граница на НАТО.
Латвиската армија соопшти дека дронот влегол во земјата од Русија како последица на руско електронско војување, но не прецизираше кој го лансирал леталото.
Премиерот на Латвија, Андрис Кулбергс, на социјалната мрежа Икс ја поздрави „брзата реакција и професионалното постапување“ на надлежните служби.
Француската армија потврди дека нејзин авион соборил неидентификуван дрон, додека претставник на НАТО изјави дека инцидентот уште еднаш ја покажува способноста и решителноста на Алијансата да одврати и да се одбрани од потенцијални закани.
Според латвискиот министер за одбрана Раивис Мелнис, конечната одлука за соборување на дронот ја донела командата на НАТО. Леталото било пресретнато и соборено во близина на селото Берзгале, на околу 30 километри од руската граница.
Нема повредени лица ниту материјална штета, соопштија властите. Претходно, жителите на источните региони на Латвија биле предупредени да останат во своите домови поради потенцијалната опасност.
Инцидентот доаѓа во време кога зачестуваат случаите на воени дронови кои навлегуваат во воздушниот простор на соседните земји, што предизвикува загриженост дека војната во Украина може да се прелее и надвор од нејзините граници.
Во истиот ден, остатоци од украински дрон беа пронајдени и во Молдавија, откако леталото навлегло од Украина. Властите во Кишињев ја поврзаа случката со руската агресија врз Украина.
Шефот на естонската дипломатија Маргус Цахкна оцени дека настаните во Латвија и Молдавија потврдуваат оти руската воена агресија претставува закана и за поширокиот регион.
Францускиот авион што го собори дронот е дел од мисијата „Балтичка воздушна полиција“ на НАТО, која од 2004 година го обезбедува воздушниот простор на Латвија, Литванија и Естонија. Во мисијата моментално учествуваат и романски и португалски борбени авиони Ф-16.
