Дали планетата ќе добие нов фудбалски владетел или светскиот трофеј ќе остане во рацете на актуелниот шампион? Одговорот пристигнува вечерва од 21:00 часот, кога во епско финале ќе се судрат европскиот првак Шпанија и бранителот на светската круна, Аргентина.
Предводени од Лионел Меси, „гаучосите“ бркаат историја – сакаат да станат дури третата репрезентација во историјата која успеала да ја одбрани титулата. За Меси, ова е последна и историска шанса за совршено збогување од Светските првенства, со можност да го надмине и Диего Марадона со две мундијалски титули во низа.
Но, на патот им стои моќната Шпанија, која сака да ги обедини европскиот и светскиот трон. Предводник на новата „црвена фурија“ е суперталентот Ламин Јамал, кој веќе го најавуваат како наследник на Меси во Барселона, а сега е гладен за својот прв мундијалски пехар. Шпанците до финалето стигнаа на импресивен начин – со само еден примен гол на турнирот и почетно реми против Зелено’ртските Острови, за во полуфиналето да ѝ одржат вистинска фудбалска лекција на Франција. Светот е подготвен за спектакл!
„Самото учество во финалето на Светското првенство е привилегија. Секоја година веднаш би потпишал договор за пласман во финалето на Светското првенство, а потоа би го изгубил. Сакаме да се бориме за победа. Ќе уживаме во тој момент. Многу ја ценам Аргентина, тие се одличен ривал со импресивни резултати. Ќе биде вистински спектакл. Станува збор за две врвни екипи со многу сличности. Секоја страна ќе се обиде да ја насочи играта во насока што најмногу ѝ одговара, но двата тима ќе пристапат кон натпреварот со цел да го доведат талентот во преден план“, рече Луис де ла Фуенте на прес-конференцијата.
Стратегот на Аргентина, Лионел Скалони, истакна дека тие ги анализирале Шпанците уште од декември, бидејќи требало да играат на „Финалисима“ во Доха во март.
„Ги проучивме сите можни сценарија, знаеме како играат. Ќе се обидеме да го наметнеме нашиот стил и да ги нападнеме во сегментите каде што можат да имаат проблеми. Тие сè го базираат на поседот на топката, во таа смисла сме доста слични. Нивната игра се врти околу топката. Постојат одредени нијанси, но ние играме на сличен начин. Се надевам дека ќе видиме одличен фудбал“, рече Скалони.
