ФЗО и УЈП контролирале 49 ординации, oткриени неправилности во приватни гинекологии

НАЈНОВИ ВЕСТИ


По бројни поплаки од пациентите, Фондот за здравствено осигурување и Управата за јавни приходи извршија заеднички контроли во 49 приватни гинеколошки ординации низ целата држава. Според директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, ова е прва ваква акција од 2012 година и истата не била реализирана 13 години. Резултатите од контролите потврдија распространета даночна евазија и финансиска штета врз пациентките, што резултираше со казни за голем број приватни здравствени институции.

– Целта на контролите е проверка на исполнувањето на договорните обврски меѓу Фондот и матичните гинеколози, особено во однос на членот кој утврдува дека: „Прегледот, ехо, колпоскопија, земање брис за микробиолошко и цитолошко испитување (ПАП тест), како и сите други дијагностички и терапевтски процедури според медицината базирана на докази кај избраниот лекар, не се наплатуваат.“, рече Клековски.

Директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, информираше дека е утврдено оти 20 приватни гинеколошки ординации не издавале фискални сметки и за истите се изречени казни. Таа упати апел до пациентите да бараат фискална сметка за извршената услуга.

– Иако здравствените услуги се ослободени од ДДВ, а поголемиот дел од овие институции плаќаат симболичен годишен данок од 1% од вкупните приходи или се целосно ослободени, тоа не значи дека нерегистрирањето на прометот нема даночен ефект. Оваа практика го поткопува системот, создава неправедна предност на штета на оние што работат законски и, во поширок контекст, постепено води кон зголемување на загубите на јавните приходи. УЈП нема да толерира вакво однесување и ќе продолжиме со засилени и координирани контроли и други мерки-вели Петрова.

Контролите беа спроведени во Скопје, Битола, Прилеп, Тетово, Штип и Струмица. Исто така, на прес-конференцијата беше соопштено дека 417 илјади граѓани не плаќаат здравствено осигурување. Овој дисбаланс, според ФЗО, создава притисок врз одржливоста на фондот, принудувајќи ги надлежните да бараат дополнителни извори на приходи преку зголемување на учеството од активните корисници.
Во текот на вчерашниот ден беше соопштено дека здравствената услуга за која граѓаните моментално плаќаат 40 денари, од 1 јануари ќе чини 60 денари. Поизразена промена се забележува кај специјалистичките прегледи во државните болници, каде цената се зголемува од 380 на 720 денари.