Македонија дел од „EU4Health“ – Алиу: Европски пари за конкретни проекти

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонија го потпиша договорот за учество во европската програма EU4Health, со буџет од 4,4 милијарди евра, со што добива можност да аплицира за фондови, грантови и проекти насочени кон модернизација на здравствениот систем. Според министерот за здравство, Азир Алиу, програмата ќе го поддржи развојот на дигиталното здравство, превенцијата на болести, онкологијата, менталното здравје и зајакнувањето на капацитетите на здравствениот кадар, а проектите што ќе бидат финансирани ќе бидат ослободени од ДДВ и други фискални давачки.

„Договорот предвидува ослободување од ДДВ, царински давачки и други фискални обврски за стоките и услугите што ќе се финансираат преку програмата. Ова е важно затоа што европските средства треба, во најголема можна мера, да бидат насочени кон реализација на проекти од јавен интерес и кон подобрување на здравствените услуги за граѓаните“, изјави министерот за здравство, Азир Алиу.

Министерството за здравство ќе започне со спроведување на следната фаза од програмата EU4Health, преку претставување на можностите што ги нуди и подготовка на здравствените институции за аплицирање на европските проекти.

„Како Министерство сме подготвени и веќе од следната недела ја започнуваме следната фаза – активно претставување на програмата, идентификација на потенцијалните корисници и подготовка на институциите за учество на европските повици. Нашата цел е оваа можност да ја доближиме до универзитетите, медицинските факултети, клиниките, болниците, институтите, професионалните здруженија, организациите на пациенти и сите други релевантни чинители во здравствениот систем“, изјави министерот за здравство, Азир Алиу.

Од Министерството за здравство нагласуваат дека остануваат посветени на искористувањето на европските механизми за унапредување на здравствената заштита и создавање поефикасен, поодржлив и подостапен здравствен систем за граѓаните.