Во вечерашниот дебатен магазин „Click Plus“ на ТВ21 гости беа две мајки, Славица Гајдаѕис Кнежевиќ и Мирјана Фотевска со кои разговаравме за тоа како е да се биде родител на дете припадник на ЛГБТ заедницата.
Ги запрашавме како се почувствувале кога прв пат дознале дека нивниот син е геј.
„Јас до ден денес ја памтам мојата реакција и многу ми е жал заради него, заради тоа што е тој е прекрасно дете и не заслужи таква реакција од моја страна. Бев шокирана… Бев тотално затечена. Поминав низ сите фази на жалење, неверување, на една збунетост. Потполно како по книга“, посочува Гајдаѕис Кнежевиќ.
Таа вели дека била многу лута за тоа што последна дознала за оваа ситуација.
„Во разговор со него и неговата сестра, која веднаш ми се јави, сите тие знаеа многу пред мене. Приказната беше дека сака да ме заштити мене, односно не е сигурен како јас ќе реагирам во целата таа ситуација. Тоа траеше околу една недела-две и потоа работите почнаа да се нормализираат“, истакнува Гајдаѕис Кнежевиќ.
