Галичник повторно оживува со вековната традиција – денеска се одржува Галичката свадба 2026

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Галичник денеска, на големиот христијански празник Петровден, повторно е во знакот на една од најпознатите македонски културни манифестации – Галичката свадба 2026. Илјадници посетители од земјава и од странство се очекува да бидат дел од уникатниот настан, кој со децении ја чува автентичната мијачка традиција преку свадбарски обичаи, раскошни народни носии, изворни песни и ора.

Годинашни галички младоженци се Александар Пендароски и Мартина Михајлова. Нивната свадба има посебна симболика, бидејќи оваа година се одбележуваат 35 години од првата современа Галичка свадба, одржана во 1991 година, кога брачен завет токму во Галичник дале родителите на Александар. Со тоа, нивното учество претставува продолжување на едно семејно наследство и длабока поврзаност со традицијата на ова планинско село.

„За мене ова не е само свадба, туку продолжување на една семејна приказна и врска со Галичник која трае со генерации. Особено сум горд што токму годинава, кога се навршуваат 35 години од свадбата на моите родители, ќе бидам галички младоженец“, изјави Александар Пендароски пред почетокот на манифестацијата.

Неговата избраничка Мартина Михајлова истакна дека Галичката свадба претставува чест и привилегија.

„Тоа е чувство што тешко може да се опише со зборови. Да се биде дел од традиција која опстојува со векови е голема чест, а со нетрпение ги очекуваме сите моменти што ќе ги споделиме со нашите семејства и гостите“, рече Михајлова.

Денешниот ден е резервиран за централниот дел од свадбената церемонија. Ќе бидат изведени најпознатите свадбарски обичаи, меѓу кои „канење на мртвите“, „канење на кумот“, „бричење на зетот“, „гледање низ прстен“, „тргнување по невестата“, дарувањето и останатите традиционални ритуали. Венчавањето ќе се одржи во црквата „Св. Петар и Павле“, по што свеченоста ќе заврши со традиционалното испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.

Во саботата беа реализирани и најпрепознатливите свадбарски обичаи – „китење на ситото“, „замесување на сваќата“, пречекот на тапаните, поставувањето на свадбарското знаме, симболичното „фрлање три пушки“, како и изведбата на свекрвиното и невестинското оро. Посебен впечаток остави и традиционалното „Тешкото“, кое ансамблот „Танец“ го изведе на платото кај прочуената чешма „Упија“. Во вечерните часови, невестата, придружувана од свадбарите, ја испочитува и традицијата на полнење вода од трите галички чешми.

Галичката свадба годинава започна во петокот, на 10 јули, со богата културно-забавна програма. Организатор е Месната заедница „Галичник“, а покровител на манифестацијата е претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Поддршка обезбедуваат и Министерството за култура и туризам, како и бројни компании и пријатели на Галичник.

И оваа година, целокупната програма ќе може да се следи преку видеоекран поставен на централното плато во селото, како и преку директен пренос на социјалните мрежи, овозможувајќи им на љубителите на традицијата да ја проследат манифестацијата и од далечина.

Организаторите потсетуваат дека во селото е воведен посебен сообраќаен режим и апелираат до посетителите одговорно да уживаат во празничната атмосфера, да не управуваат возило доколку консумираат алкохол и заеднички да придонесат за зачувување на природата и убавината на Галичник.