Африм Гаши и официјално е претседател на Собранието. Неговиот избор се случи попладнево на конститутивната седница на новиот 11-ти по ред парламентарен состав. За него гласаа 76 пратеници онолку колку што доби потписи од новото мнозинство ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ за негово кандидирање, а против беа шесте пратеници од Левица. СДСМ не гласаше воопшто, а коалиција Европски фронт веќе претходно ја напушти седницата. На изборот, Гаши даде и свечена заклетва.
„Изјавувам дека функцијата претседател на Собранието на Република Северна Македонија … ќе ја вршам совесно и одговорно … и ќе го почитувам Уставот и законите на Република Северна Македонија“, рече Гаши.
Откако седна на првото столче во Собранието, Гаши потоа и кратко им се обрати на присутните пратеници.
„Бидејќи ова ми е трет пратенички мандат и осма година од мојот пратенички стаж можам да кажам дека сум имал среќа а често пати и тешкотии да бидам во оваа сала во улога на пратеник на власта и пратеник на опозицијата. Затоа ако не подобро од многумина од вас сепак доста добро ја разбирам на секој пратеник и тоа ме прави истовремено свесен и одговорен за задачата која што ја преземам“, рече Гаши.
На седницата и претходеше жестока дебата иницирана главно од пратениците на Левица и ВМРО-ДПМНЕ главно зошто токму Африм Гаши е избран за претседател на Собрание.
„Вие отидовте по волна а се вративте стрижени, ете тоа направивте. Почитуван господине Мицкоски најнапред ми е многу мерак што наместо Ташмаруништа денеска одбравте да бидете во Скопје, но повторно на погрешната страна а тоа е за косоваризација на македонскиот парламент и повторно ќе нема парламент во светот на кој што се претседава на македонски јазик“, рече Апасиев.
„Сакам најпрво да им се извинам на јавноста и граѓаните од тоа што можеа да го слушнат од некои од колегите пратеници од политичката партија Левица. Жалам што мораа да бидат тие што го следат собранискиот канал сведоци на однесуваме во дом кој што треба да биде дом на демократијата а не дом каде што ќе се обидат неколкумина луѓе да приредат едно реално шоу“, изјави Мицкоски.
Со оваа конститутивна седница е избран новиот собраниски состав, по што сега следи известување до претседателката Гордана Силјановска Давкова дека е формирано новото парламентарно мнозинство по што таа треба да го додели мандатот на Мицкоски како мандатар, кој пак има 20 дена да ја формира новата влада. Со оглед на тоа што Мицкоски веќе имаше преговори со ВРЕДИ и ЗНАМ се очекува многу брзо и новата влада да се најде на изгласување пред Собранието.
