Претседателот на Собранието, Африм Гаши, го потпиша решението за распишување вонредни избори за градоначалник на Општина Брвеница, кои ќе се одржат на 18 октомври 2026 година.
Како што информира Гаши, одлуката е донесена согласно Уставот, Изборниот законик и важечките законски прописи.
Тој ги повика Државната изборна комисија, Општинската изборна комисија на Брвеница и сите институции вклучени во изборниот процес да постапуваат професионално, непристрасно и со целосно почитување на законските процедури.
Гаши упати повик и до политичките партии и кандидатите кампањата да ја водат достоинствено, со програми и идеи за развој на општината, без говор кој би ја нарушил довербата во демократскиот процес.
„Ги поканувам граѓаните на Брвеница да учествуваат на изборите и одговорно да го остварат своето демократско право, придонесувајќи за мирен, уреден и кредибилен изборен процес“, порача претседателот на Собранието.
Вонредните локални избори ќе треба да го определат новиот градоначалник на Општина Брвеница.
