Во услови на растечки безбедносни предизвици и геополитички тензии, претседателот на Собранието Африм Гаши порача дека НАТО мора да остане обединет, силен и способен брзо да одговори на современите закани. Тој се обрати на Парламентарниот самит на Парламентарното собрание на НАТО, кој се одржува во Истанбул, Турција, во пресрет на Самитот на Алијансата.
Гаши ја предводи македонската делегација, во која се и пратеникот Драган Ковачки, шеф на Делегацијата на Собранието во Парламентарното собрание на НАТО, и заменик генералниот секретар на Собранието, Ибуш Јусуфи.
Во своето обраќање, Гаши нагласи дека во време на неизвесност, дезинформации и геополитички турбуленции, парламентите имаат сè поважна улога во зачувувањето на демократските вредности и безбедноста.
„Светот брзо се менува. Затоа НАТО мора да остане не само силен, туку и агилен и подготвен за брза реакција, со стратешка визија и процеси кои ќе одговараат на сложеноста на заканите“, истакна Гаши.
Тој потенцираше дека Северна Македонија, како членка на НАТО сместена во стратешки чувствителен регион, останува посветена на зајакнувањето на безбедноста на Западен Балкан преку продолжување на евроатлантските интеграции, развој на партнерствата и унапредување на регионалната соработка.
Претседателот на Собранието ја повтори поддршката на земјата за Украина, но предупреди дека состојбите на Блискиот Исток имаат сериозно влијание врз глобалната безбедност, енергетската стабилност и хуманитарната состојба, поради што, како што рече, неопходни се засилени дипломатски напори за деескалација и дијалог.
На Самитот се обратија и претседателот на Големото народно собрание на Турција, Нуман Куртулмуш, претседателот на Парламентарното собрание на НАТО, Маркос Перестрело, како и заменик генералниот секретар на НАТО, Радмила Шекеринска. Во своите говори тие ја нагласија потребата од посилна колективна одбрана, поголеми инвестиции во безбедноста и продолжување на поддршката за Украина.
На свечениот ручек пред учесниците се обрати и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој оцени дека одржувањето на Самитот во период на глобални безбедносни предизвици претставува силен симбол на единството и сојузништвото меѓу земјите членки на НАТО.
