Герасимовски: Состојбата на Водно ја решаваме заедно со граѓаните

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

 На барање на градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, вчеравечер се одржа средба со граѓаните од Водно, односно со жителите од улиците „Питу Гули“, „Козара“, „Салвадор Аљенде“ и околните улици, на која е разговарано за решавање на проблемите со новите градби на Водно и заштитата на парк шумата.

Како што информираат од прес-служба на Општина Центар, градоначалникот им понудил општинска поддршка на претставниците на жителите преку целосен увид во документација од Деталниот урбанистички план Градска четврт Ј 07 – Локалитети: Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило и Цвеќара.

– На вечерашната средба со граѓаните на Водно, им понудив заедничка соработка и увид во документацијата за ДУП-от Ј 07, која ќе биде достапна за претставниците на жителите од овој дел од Центар. Нашиот заеднички интерес е заштита на зелениот појас и ние како општина, ќе сториме сѐ во рамки на можностите за да ги сопреме градбите кои се надвор од законот. Затоа и барам внимателна анализа и од страна на жителите. Исто така, на оваа средба ги повикав граѓаните да ја пријават секоја нова градба за која сметаат дека е надвор од законските прописи, потенцираше Герасимовски.

Од локалната самоуправа соопштуваат дека претставници на групата граѓани од Водно во текот на наредната недела ќе се сретнат со градоначалникот Герасимовски и општинските служби, со цел, како што велат, подетално и од прва рака да се информираат за градежните активности, но и за тековните состојби на падините на скопските бели дробови.

– Заедничката и директна комуникација со граѓаните носи подобри резултати и решенија во полза на сите засегнати страни. Од оваа причина, градоначалникот на Општина Центар иницира директни средби за брзи и конкретни решенија, велат од општинската прес-служба.