Германија, Франција и Италија привремено ја стопираат имунизацијата со „АстраЗенека“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Германија, Франција и Италија станаа најновите европски земји кои привремено ја стопираат вакцинацијата со вакцината на Оксфорд, „АстраЗенека“. Стопирањето е поради загриженост по пријавите за проблеми со згрутчување на крвта. Ваквата одлука е спротивна на советите од меѓународните медицински агенции бидејќи трет бран инфекции веќе го зафаќа континентот.

Германскиот министер за здравство Јенс Спан денеска истакна дека земјата ќе престане со вакцинација како мерка на претпазливост, по извештаите за неколку случаи на згрутчување на крвта кај луѓе вакцинирани со вакцини на АстраЗенека.

Франција и Италија, исто така, ја прекинаа вакцинацијата со АстраЗенека, во очекување на мислењето од Европската агенција за лекови (ЕМА).

„Одлучивме да престанеме со имунизацијата на АстраЗенека како претпазливост и се надеваме дека ќе продолжиме наскоро доколку Советот на ЕМА го дозволи тоа“, рече францускиот претседател Емануел Макрон на прес-конференција.

Италијанскиот регулатор на лекови „Аифа“, исто така, прекинот на вакцинацијата со оваа вакцина низ целата земја го нарече „потег на претпазливост“.

Претходно, скоро десетина земји ја прекинаа нејзината употреба како претпазливост откако објавија „можни“, но неповрзани несакани ефекти во оваа фаза.

Вакцината против Ковид-19 развиена од АстраЗенека со британскиот универзитет во Оксфорд е безбедна, уверува производителот, додека Светската здравствена организација (СЗО) вели дека „нема причина да не се користи“ оваа вакцина.

„АстраЗенека“ вчера, исто така, соопшти дека нема докази дека нивната вакцина против Ковид-19 го зголемува ризикот од згрутчување на крвта.