Германската влада објави дека изгорела приближно три милијарди неискористени заштитни маски за лице купени на почетокот на пандемијата ковид-19, јавува денес германската агенција ДПА.
Според одговорот на Министерството за здравство на прашање од Зелената партија, објавено во четврток, околу половина од речиси шесте милијарди маски биле испратени на „термичка обработка“, процес на рециклирање што вклучува нивно горење за производство на енергија.
Владата досега потрошила околу осум милиони евра за рециклирање, кое го спроведуваат компании избрани во постапка за јавна набавка. Масовното уништување на неискористена медицинска опрема повторно отвори жестока политичка дебата за начинот на кој министерството троши пари.
Германскиот Федерален суд на ревизори во 2024 година утврди дека Министерството за здравство купило 5,7 милијарди маски за околу 5,9 милијарди евра, иако „вистинската побарувачка била значително помала“. Германското списание „Шпигел“ во четврток објави дека се очекува дополнителни 85 милиони маски да бидат уништени до крајот на 2026 година, кога им истекува рокот на траење.
Покрај тоа, 360 милиони маски сè уште се чуваат во магацини бидејќи се предмет на правни спорови меѓу федералната влада и добавувачите кои бараат од неа да ги подмири неплатените сметки. Се очекува и повеќето складирани маски да бидат уништени со текот на времето.
