Германија се подготвува за војна: Ги претвора паркинзите, метрото и приватните згради во бункери

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Германија почна да составува листа на бункери кои би можеле да служат како итни засолништа за цивилите во услови на растечки тензии со Русија, соопшти Министерството за внатрешни работи. Списокот ќе вклучува станици на метрото и паркинзи, како и владини згради и приватни имоти.

– Ќе се состави дигитален документ со бункери и засолништа за итни случаи за луѓето брзо да ги најдат преку планираната телефонска апликација. Исто така, сакаме да ги охрабриме жителите да градат заштитни засолништа во своите домови со пренаменување на подрумите и гаражите – рече портпаролот на министерството, а пренесува „Гардијан“.

Тој одби да даде временска рамка, но истакна дека тоа е голем проект за кој ќе биде потребно време, а ќе бидат вклучени и Канцеларијата за цивилна заштита и помош при катастрофи и други надлежни органи. Германија, која има 84 милиони жители, има 579 бункери, најмногу од времето на Втората светска војна и студената војна, кои можат да засолнат 480.000 луѓе, што е намалување за околу 2.000 бункери во споредба со претходно.

Од руската инвазија на Украина, расте загриженоста за потенцијалот на Москва да ги нападне другите членки на НАТО. Шефовите на германското разузнавање во октомври предупредија дека Русија најверојатно ќе биде способна да изврши напад врз воената алијанса до 2030 година.